Д-р Катерина Бошевска, извршна директорка на EOS Матрих: Одговорната наплата е наш принцип кој се темели на достоинствен однос кон должниците

Д-р Катерина Бошевска, извршна директорка на EOS Матрих, учествуваше на конференцијата The Economist MeetUp 2025, каде што се истакнаа клучни теми поврзани со одржливиот развој, корпоративната одговорност и поддршката на локалните заедници. Во своето излагање, таа зборуваше за важноста на одговорната наплата, дигитализацијата и едукацијата како алатки за зајакнување на економијата и социјалната одговорност.

„Одговорната наплата е наш принцип што се темели на достоинствен однос кон должниците, јасни насоки и помош. Иако должничко-доверителските односи често создаваат дисхармонија, ние се трудиме да постигнеме заеднички прифатливи решенија. Покрај помагањето на корисниците, инвестираме во едукативни пристапи за економско заздравување,“ истакна таа.

Таа нагласи дека компанијата во 2024 година го насочила својот фокус кон дигитализацијата, воведувајќи нова алатка за дигитална комуникација која овозможува полесен пристап до информациите за корисниците. „Комуникацијата е клучна, бидејќи избегнувањето на проблемите не е решение. Следната година ќе продолжиме да ја развиваме оваа алатка за да го олесниме процесот за нашите клиенти,“ додаде Бошевска.

EOS Матрих

Дополнително, EOS Матрих вложува во континуирана едукација на вработените и развивање на програми за млади. „Вештините ги прават вработените поуспешни, особено во услови на редефинирани процеси. Исто така, имаме програма за едукација на младите, која планираме да ја интегрираме како дел од образовниот процес,“ истакна таа.

Во рамки на конференцијата, Д-р Бошевска учествуваше како говорничка на четвртиот панел, модериран од Катерина Јордановска Манева, менаџер за маркетинг и односи со јавноста во Кроација Осигурување. Панелот се фокусираше на значењето на човечкиот капитал и поддршката на локалните заедници за одржлив раст.

Други учесници на панелот беа Кристина Крстева, директорка за одржлив развој на Бучим – Боров Дол, и Жана Базби, психолог и бизнис консултант од Лондон. Панелистите споделија успешни примери за корпоративни стратегии што ги поддржуваат заедниците и достигнувањето на глобалните ЕСГ стандарди.

„Компаниите во Македонија сè повеќе применуваат стратегии за инвестирање во локалните заедници и заштита на животната средина, што е клучно за одржливиот раст,“ заклучија учесниците, нагласувајќи ја важноста на долгорочниот пристап во корпоративната одговорност.

Конференцијата The Economist MeetUp уште еднаш ја потврди својата улога како платформа за решенија и иновации во економскиот и општествениот развој.