2025 е година на присоединување на Боров Дол кон Бучим. Што значи тоа за компанијата?
Обединувањето на двата рударски комплекса претставува стратешка трансформација што ни овозможува поголема оперативна интеграција, подобра ефикасност и повисок степен на корпоративна дисциплина. Со обединувањето на инженерските тимови, ресурсите и планските процеси, добиваме поконкурентна и постабилна производствена структура.
Овој процес е дел и од пошироките организациски промени поставени од инвеститорот, кои се насочени кон зголемена транспарентност, унапредени управувачки модели и посовремен пристап кон ESG принципите. Обединети, можеме многу поамбициозно да планираме долгорочни инвестиции и да развиваме регенеративни практики во рударството – што е особено важно во услови на неизвесна геополитичка и пазарна динамика.

Како глобалната геополитичка ситуација влијае на рударската индустрија и дали тоа се чувствува во Македонија?
Глобалната ситуација, со сите предизвици поврзани со енергенсите, транспортот и геостратешките ризици, несомнено влијае врз рударската индустрија. Волатилноста на металите, особено кај бакарот, може да донесе притисок, но истовремено отвора можности – бидејќи бакарот е критичен метал за енергетската транзиција, електромобилноста и новите технологии.
Македонскиот рударски сектор е дел од глобалниот синџир и го чувствува тоа влијание, но со стабилни производствени операции, со висок степен на усогласеност со стандардите и со одговорно управување, можеме успешно да го апсорбираме овој притисок и да останеме конкурентни.
Каков предизвик претставува недостигот од квалификувана работна сила?
Новите генерации имаат поинакви очекувања, а индустријата бара се покомплексни знаења. Бучим ја гради својата стратегија на активно инвестирање во човечки капитал. Во соработка со универзитетите и стручните училишта развиваме дуални програми, обезбедуваме стипендии за студенти по геологија, рударство, машинство и електро, овозможуваме практична обука во реално производство и континуирано вработуваме млади инженери.
Целта е не само да привлечеме кадар, туку и да создадеме нов генерациски циклус на професионалци, кои ќе останат и ќе ја развиваат индустријата во државата.
Инвестициите во модернизација се забележителни во последните години. Какви се плановите за 2026?
И во 2026 година Бучим продолжува со инвестиции во развој на ресурсната база, обнова на инфраструктурата и опремата, унапредување на животната средина, како и во автоматизација на процесите. Планирани се геолошки истражувања на локалитетите Бучим и Боров Дол во износ од над 1 милион евра. Предвидено е проширување на копот Боров Дол согласно дополнителниот рударски проект, со што би се овозможила ресурсна база од 10 милиони тони руда, при што ќе се инвестираат 5,6 милиони евра.
Следната година планирано е да заврши инвестицијата во SCADA- системот во вредност од 250 илјади евра, преку кој од една точка ќе можат да се следат сите параметри на производството во Бучим. Планирани се над 600 илјади евра за подобрување на инфраструктурата на рудникот. Очекуваме да отпочне изградбата на објектот Флотација, во кој се планира инвестиција од околу 5,2 милиони евра. За обнова и комплетирање на опремата планирани се инвестиции од 800 илјади евра.
Информатичката безбедност и годинава е висок приоритет – планирани се над 300 илјади евра. Како и секоја година, и во 2026 планирани се инвестиции за заштита на животната средина и безбедност и здравје при работа. Предвидени се 580 илјади евра, од кои поголем дел ќе се насочи кон намалување на јаглеродниот отпечаток.
Паралелно, во рамките на програмата за општествена одговорност обезбеден е буџет од 457 илјади евра за поддршка на локални иницијативи, образовни програми и други проекти од јавен интерес.
Кој е поширокиот контекст на одржливото рударство во вашата визија?
Одржливото рударење не е документ – тоа е идеологија на водење бизнис. Тоа значи рационално и профитабилно користење на ресурсите со минимален импакт врз околината со свесност за наследството што го оставаме на идните генерации. Со стратегиски инвестиции во луѓето, технологијата и заедницата, обединетите Бучим и Боров Дол го поставуваат темелот за рударство што е конкурентно, одговорно и насочено кон иднината.
Нашата визија е да создадеме нова вредност во секоја фаза од работењето: од рекултивација и повторна употреба на водата, до грижата за заедницата и партнерството со локалните чинители. Одржливиот развој не го градат само рудниците – туку и изведувачите, добавувачите, работниците и заедниците. Тоа е колективна одговорност.
Фото: приватна архива
