Касис во 2026 година слави 25 години успешна работа

Филомена Пљаковска Аспровска, главен извршен директор и претседател на Управниот одбор на КаСис АД Скопје, за Економист: Светот во 2026-та.

Во јубилејната година, фокусот ни е на инвестирање во тимот и сајбер-безбедноста.

Како изгледаше 2025 за платежната индустрија и за КаСис?

Во 2025, довербата беше најсилната валута затоа што видовме брзина, иновација и примена на вештачка интелигенција во дигиталните плаќања, но и повисоки очекувања за сигурност и безбедност. Сајбер-безбедноста веќе не е само техничко прашање, туку прашање на национална инфраструктура, економска стабилност и корпоративна одговорност.

КаСис како единствениот процесор за работење со картички, електронска трговија и сертифицирано биро за персонализација на картички во Северна Македонија носи голема одговорност да обезбеди врвна и максимално безбедна услуга.

Надминуваме 2,3 милиони издадени платежни картички, а процесираме во просек околу 2,5 милиони трансакции месечно. Преку нашиот систем за електронска трговија cPay, поддржуваме стотици илјади онлајн-трансакции секој месец и соработуваме со повеќе од илјада и четиристотини трговци и десетици илјади корисници. Овие бројки не се само статистика, туку мерка за довербата што клиентите ни ја даваат секој ден.

 Сајбер-безбедноста и глобално е тема број еден. Кој е пристапот на КаСис?

Безбедноста на плаќањата кај нас не е проект, туку стратешка определба. Системите на КаСис функционираат со висок степен на безбедност и оперативна доверливост, а тоа го потврдуваме преку меѓународни стандарди за квалитет и сигурност, како што се ISO 27001 и ISO 20000, како и преку редовно обновување на PCI DSS сертификатите за индустриска безбедност на платежните картички. Тоа значи дека секој процес, од инфраструктура до луѓе, процедури и технологии е поставен така да ги минимизира ризиците за корисниците и за нашите партнери.

Дополнително, нудиме услуги што ја комбинираат сигурноста со практичност, на пример виртуелните картички, ePIN преку СМС и платежни решенија како Pay by Link, кои овозможуваат безбедно плаќање и кога трансакцијата започнува надвор од класичните онлајн-продавници.

Колку е важен тимот во оваа приказна за безбедност и иновации?

Технологијата е важна, но луѓето се пресудни. Во КаСис инвестираме континуирано во развој на експертизата на тимот, особено во домените сајбер-безбедност, управување со ризик и развој на нови дигитални услуги. Горда сум што имаме генерации колеги кои се изградија во компанијата и денес пренесуваат знаење на помладите. Тоа создава стабилност за нашите клиенти, но и култура на одговорност и постојан напредок. Без таков тим, ниту една бројка на трансакции, ниту еден сертификат, не би значеле многу.

 2026 е јубилејна година, 25 години КаСис. Каква е перспективата пред вас?

Горди сме на четврт век постоење и успешна работа. Во овие 25 години поминавме пат од локален процесор до регионален партнер кој поддржува банки, финтек-компании и трговци на повеќе пазари. Во 2026 нашата цел е да го користиме искуството за да одиме уште подалеку, односно да го забрзаме развојот на нови услуги преку користење и развој на нови технологии, да ги продлабочиме регионалните партнерства и уште повеќе да работиме на едукација на корисниците и на компаниите.

Верувам дека иднината на платежната индустрија ќе биде уште поинтегрирана, особено во време кога вештачката интелигенција бележи голем раст и развој, дигиталните плаќања ќе станат речиси невидливи за корисникот, а токму затоа нашата улога ќе биде да обезбедиме максимална безбедност и доверба во решенијата и иновациите.

Фото: приватна архива