The Economist MeetUp: The World Ahead 2026

А1 Македонија на The Economist MeetUp: Дигиталната економија не се гради само со технологија, туку со знаење и сајбер безбедност

Телекомуникацискиот сектор одамна не е само „мрежа и сигнал“, туку темел врз кој се гради дигиталната економија. На конференцијата The Economist MeetUp: The World Ahead 2026, г. Стевчо Ристески, директор за бизнис и ИКТ продажба во А1 Македонија, сподели перспектива од прва линија: што значи новата економска архитектура за телекомите, зошто дигиталната трансформација кај многу компании заглавува и како AI реално ќе ја редефинира ефикасноста, без да го избрише човечкиот фактор.

The Economist MeetUp: The World Ahead 2026

Телекомите како предводници на новата дигитална економија

Во време кога скоро секоја индустрија се обидува да се трансформира, телекомуникацискиот сектор е меѓу првите што ги воведува новите технологии, затоа што токму преку него останатите сектори добиваат инфраструктура и решенија за дигитален раст. Ристески нагласи дека А1 Македонија сериозно инвестира во дата центри, клауд решенија, сајбер безбедност, AI и развој на дигитални вештини, со јасна логика: колку побрзо компаниите инвестираат во новите технологии, толку побрзо ги добиваат бенефитите.

Што добива организацијата, а што корисниците?

Инвестициите во новите технологии прво се чувствуваат „внатре“ во компанијата преку поголема ефикасност и оптимизација на процесите, побрзо донесување одлуки, подобро корисничко искуство, поголема подготвеност на тимовите за дигиталната ера итн.

Особено важна придобивка, според Ристески, е што ваквите инвестиции отвораат простор вработените да работат со современи технологии и континуирано да се обучуваат, во услови кога на пазарот недостига подготвен кадар. Но придобивките не се само интерни. А1, преку сопствената инфраструктура и know-how, им помага и на компаниите да дојдат до модерни технологии без огромни капитални инвестиции.

„На тој начин отвораме можност и за нашите бизнис корисници да имаат пристап до тие технологии, со помали инвестиции“, истакна Ристески.

Зошто дигитализацијата заглавува кај компаниите?

Иако дигитална трансформација денес е дел од секоја стратегија, реалноста покажува дека голем број компании не успеваат да ја имплементираат и да ја скалираат вредноста.

Од искуството на А1, Ристески објасни дека телекомуникациската индустрија функционира во екстремно динамичен контекст и промените се дел од секојдневното работење, но локалниот пазар како целина често нема иста брзина на адаптација.

„Ние и да сме комплетно дигитализиран екосистем, ако пазарот не е, не е доволно за развој на државата“, посочи тој.

The Economist MeetUp: The World Ahead 2026

Сајбер безбедност: најскапото “што ако”

Еден од најсилните акценти во дискусијата беше ставен на сајбер безбедноста. Ристески потсети дека дигитализацијата кај многу компании се забрзала пред и за време на короната, а во последниве години тој раст не бил проследен со соодветна заштита, по што следеле сајбер инциденти кои донеле финансиски и репутациски штети кај дел од компаниите во земјава.

Пораката е јасна: без сајбер безбедност нема доверба, а без доверба нема одржлива дигитална економија.

Македонија има инфраструктура, но недостасува култура на учење

Како втор важен фактор, Ристески ја посочи инфраструктурата, каде Македонија, според неговото искуство со мултинационални компании, има мобилна и фиксна телекомуникациска мрежа споредлива со европските земји.

Но тука се јавува и третиот клучен предизвик: едукацијата.

Ристески потенцира дека голем дел од безбедносните проблеми не настануваат поради „хакирање“, туку поради човечки фактор, човечко невнимание и недоволна дигитална писменост.

„Повеќе од 80% од инцидентите се случуваат поради човечка грешка“, посочи тој, нагласувајќи дека Македонија мора да вложи повеќе во култура на учење, преквалификација и развој на вештини, ако сака да биде конкурентна и локално и глобално.

Дали AI ќе ги преземе телекомите?

Одговорот е: AI веќе е тука, но како алатка.

А1 веќе користи вештачка интелигенција во оптимизација на мрежата, корисничка поддршка, автоматизација и зголемување на ефикасноста и др. Сепак, Ристески нагласи дека човекот ќе остане во центарот на работните процеси, затоа што најголема вредност за компаниите ќе бидат оние што знаат да ги користат алатките.

ПР објава – marketing365.mk