Во свет во кој осигурувањето сè повеќе се преселува во дигиталниот простор, а довербата и одржливоста стануваат клучни валути, Генерали Осигурување Србија се позиционира како еден од најиновативните и најодговорни играчи на пазарот.
Во пресрет на конференцијата The Economist MeetUp: Светот во 2026, разговаравме со Драган Филиповиќ генерален директор и говорник на настанот, за тоа како се спојуваат глобалната стратегија и локалните специфики, зошто луѓето се најголемиот капитал, како се имплементираат ESG-принципите на дело, и каде лежи потенцијалот за раст на пазарот на осигурување на Балканот.
1. Генерали Осигурување Србија последните години е препознаен како еден од најиновативните брендови на пазарот на осигурување во Србија. Како го балансирате локалниот контекст со глобалната стратегија на групацијата?
Големо е задоволството да се работи за компанија што постои речиси 200 години, што работи во повеќе од 50 земји и обединува околу 87.000 вработени. Тоа значи дека зад себе имате богата историја, огромен авторитет и сила, големо знаење и јасни правила. На тој начин, нашата работа е олеснета имаме глобална деловна стратегија и стратешки проекти за општествена одговорност, а нашата задача е да ги приспособиме на локалните услови и на најдобар начин да ги примениме. Тука на сцена стапуваат нашите луѓе , највредниот капитал на Генерали. Тимот на Генерали во Србија е способен да ја „спушти“ стратегијата на Групацијата на локално ниво и да ја прилагоди на специфичностите и барањата на домашниот пазар. Во одредени области, нашиот пазар и регулативите заостануваат зад светските трендови во осигурувањето, па за жал, одредени иновативни решенија што сакаме да ги пласираме, мораме да ги одложиме.
2. Можете ли да ги опишете специфичностите на работењето на пазарите на Балканот кои се факторите што го определуваат успехот во овој регион?
Ќе одговорам од искуството на Генерали Осигурување Србија. Клучот на нашиот успех се луѓето. Тие ги носат иновациите, ја реализираат трансформацијата, тие ги градат клучните односи со клиентите и партнерите. Дигитализацијата е нашиот начин на работа, вештачката интелигенција ни е огромна поддршка, но движечка сила и кормилар на сè е квалитетниот и посветен тим. Единствената дистрибутивна мрежа е она што ни овозможи да направиме разлика и да станеме доживотен партнер на нашите клиенти. Успехот го носат луѓето.
3. Осигурувањето денес се соочува со технолошка трансформација од дигитална дистрибуција до автоматизирана обработка на штети. Како Генерали Осигурување Србија одговара на тој предизвик?
Дигитализацијата е сеопфатна појава и единствениот начин да одговориме на тој предизвик е да не ја чекаме, уште помалку да ѝ се спротивставуваме, туку да ѝ трчаме во пресрет, обидувајќи се дури и да ги надминеме трендовите. Работењето на Генерали Србија во голема мера е дигитализирано од онлајн продажба на осигурување, онлајн пријава на оштетни барања, комуникација со сегашни и идни клиенти, намалување или елиминирање на хартијата при склучување полиси, до можноста за склучување дигитални полиси.
Дигитализацијата не е само деловно оправдана, туку и чин на одговорно работење. На овој начин штедиме природни ресурси, енергија, шуми, а истовремено даваме дополнителна корист на клиентите, вработените и партнерите.
4. Во последно време сè повеќе се зборува за одржливост и ESG-принципи. Како ги интегрирате во деловниот модел на една осигурителна компанија?
Во покажувањето на општествената одговорност, важно е да бидеме искрени и автентични. Во Генерали Осигурување Србија, одржливоста е составен дел од деловната стратегија, со што ја потврдуваме нашата посветеност на ESG-принципите. Нашата мисија е да обезбедиме сигурност и заштита за нашите клиенти, како и за пошироката заедница, а истовремено да придонесуваме за зачувување на животната средина и зајакнување на општествената отпорност.
Оваа мисија ја дефиниравме во согласност со нашата основна дејност, па затоа одговорноста ја покажуваме преку четири сегменти: како одговорен осигурител, одговорен работодавач, одговорен инвеститор и одговорен граѓанин.
Особено сме посветени на намалување на нашиот јаглероден отпечаток, советување на клиентите како да го подобрат своето работење и да го намалат штетното влијание врз животната средина, како и на обезбедување различни бенефиции што влијаат врз здравјето и квалитетот на живот на нашите луѓе, со посебен акцент на рамнотежата меѓу приватниот и професионалниот живот.
Најважниот општествено одговорен проект во Генерали Осигурување Србија е дефиниран на ниво на групација и ние го спроведуваме и во Србија. Се нарекува The Human Safety Network (THSN). THSN е иницијатива што се спроведува во 26 земји преку две основни програми: за семејства со деца до 6 години и за стартап-компании на бегалци. Мисијата на THSN е да го ослободи потенцијалот на луѓето (семејствата и бегалците), за тие да можат да ги трансформираат своите животи и животите на своите семејства.
Компанијата Генерали Осигурување Србија се определи за програмата за семејства, која ја спроведува веќе шест години, обезбедувајќи поддршка за родителите и старателите на деца до 6 години преку работилниците од програмата „Поддршка, не совршенство“ во соработка со партнерот Фондација „Новак Џоковиќ“.
5. Пенетрацијата на осигурувањето на Балканот сè уште е ниска во споредба со Западот. Кои се клучните пречки, а кои најголемите шанси за раст?
Голема е разликата меѓу пазарите на осигурување во развиените земји и на Западен Балкан. Во многу европски држави воведени се даночни поттикнувања за животни и неживотни осигурувања. Свесноста за потребата од осигурување е на многу повисоко ниво, а секако и стандардот на граѓаните е повисок. Како резултат, во Европа 70% од пазарот го сочинуваат животни осигурувања, а 30% неживотни, додека во Србија тој однос е обратен. Во Европа осигурувањето покрива околу 80% од земјоделските површини, а кај нас само 20%.
Нашата шанса во овој дел од светот лежи во фактот што стартуваме од ниско ниво, па просторот за раст и во вкупната премија и во квалитетот на осигурувањето е исклучително голем. Предност е и присуството на водечките глобални и регионални осигурителни компании, така што технологијата и понудата на осигурување веќе се на ниво на развиените земји.
Најголемата пречка ја гледам во неподготвеноста на државата да ја препознае силата на овој сегмент на финансискиот сектор и да го поддржи преку силна кампања и поттикнувачка даночна политика.