Во време кога компаниите трчаат по технолошки решенија и вештачка интелигенција,вистинското прашање сè почесто е кој ќе работи со таа технологија?
Македонскиот пазар на труд минува низ тивка, но длабока трансформација. Недостигот на квалификуван кадар, новите генерациски очекувања и забрзаната дигитализацијаја менуваат логиката на управување со луѓето. Компаниите повеќе не се натпреваруваат само со плати, туку со визија, култура и можности за развој.
Токму во овој контекст, на конференцијата The Economist MeetUp: The World Ahead 2026, Владимир Стефановски, плант менаџер на Киел Македонија, испрати јасна порака:
„Технологијата сама по себе не е ‘plug and play’. Луѓето треба да се подготват, да се едуцираат.“

Индустрија што не може без човечки фактор
Киел Македонија работи во трудо-интензивна индустрија со околу 170 вработени, каде што и покрај глобалните трендови на автоматизација – човечкиот фактор останува клучен. Додека во светот веќе постојат целосно автоматизирани „dark factories“ што функционираат речиси без луѓе, реалноста во македонското производство е поинаква.
Стефановски посочи дека Киел веќе инвестира во роботизирани процеси и комплетно автоматизирана фарбара, но дека секоја нова технологија носи и потреба од нови вештини. Според анализите на Deloitte, до 2030 година дури 40% од вештините што денес ги поседуваат работниците ќе треба да се заменат или надградат. За Киел, ова не е закана – туку дел од стратегијата.
„Технологијата е многу важна, но луѓето и технологијата треба да одат рака под рака. Не смее слепо да се вложува, па потоа да се создадат поголеми проблеми од претходно“, нагласи тој.
Од „чекање кадар“ до градење генерации
Наместо да чека готови професионалци на пазар кој веќе е испразнет од технички профили, компанијата свесно вложува во долгорочно градење кадар. Киел работи со дуално образование, менторство и јасни развојни патеки, со што младите уште од средно образование стануваат дел од производствениот систем.
„Тие млади луѓе се со нас четири години. Ја учат компанијата, ја учат културата, знаат како работиме. Кога ќе останат да работат кај нас, тие веќе се подготвен кадар кој веднаш може да даде резултат“, објасни Стефановски.
Овој пристап носи двоен бенефит: компанијата добива обучен кадар кој брзо се вклопува, а младите добиваат стабилна професионална иднина со јасна перспектива за раст.
Паралелно, во компанијата веќе работат тимови на проекти за дигитализација, автоматизација и модернизација – токму оние области што ги привлекуваат младите инженери и техничари.
„Младите сакаат нови технологии, сакаат визија. Ние знаеме каде сакаме да бидеме за пет години и таа визија ја претвораме во јасни цели и можности за вработените“, додаде тој.
Новата конкурентност: визија, а не само плата
Стефановски потенцираше дека задржувањето на кадар денес не се постигнува само со финансиски пакет.
„Работењето во компанијата треба да биде win-win, и за компанијата и за вработените. Луѓето треба да знаат што ќе научат и каде можат да напредуваат“, истакна тој.
Машини + луѓе = формулата за 2026
Автоматизацијата расте, но човечките вештини стануваат уште поважни. Во наредниот период, Киел ќе инвестира не само во технички знаења, туку и во комуникација, тимска работа и флексибилност.
„Иако сме во 21 век со сите алатки за комуникација, гледаме дека ни фали корпоративна комуникација. Затоа ќе работиме на софт скилс, тимска работа и дигитални знаења – сето тоа во баланс со техничките вештини“, рече Стефановски.
Целта е јасна: баланс меѓу „hard“ и „soft“ вештини, каде технологијата и човекот работат како еден систем.
„Машините, луѓето и знаењето заедно треба да го дадат најдобриот резултат“.
ПР објава за konekt.mk
