Во светот на финансиите, 2025 година беше година на „трезнење“ – момент кога стратегиите напишани на хартија мораа да го положат тестот на реалноста. За д-р Катерина Бошевска, генерален директор на EOS Matrix, ова не беше изненадување, туку само валидација на една долгорочна визија.
Говорејќи на The Economist MeetUp: Светот во 2026, Бошевска не понуди само ретроспектива, туку детален план за тоа како една компанија од традиционално конзервативен сектор може да се трансформира во дигитален лидер, без притоа да ја изгуби својата суштина.
Стратегија пред технологија: Лекција за пазарот
„Јас верувам во стратегии. Верувам во циклуси од 3 до 5 години. Меѓутоа, факт е дека нашите стратегии мора да произлегуваат од реалноста. Мораше да се одговори на сите предизвици и многуте новини што се случуваат на пазарот поврзани со технологијата и дигиталната трансформација. Она што се потврди во 2025 година, точно се оптимизациите на двете најголеми портфолија (или операции). Тоа е нешто на кое што ние долги години работиме да се случи,“ истакна Бошевска, поставувајќи ја основата на својот менаџерски пристап.
За EOS Matrix, 2025 година не беше година на импровизација, туку на „оперативна стабилизација“ и зајакнување на средниот менаџмент.
Нејзината поента е лекција за секој лидер на сериозна компанија: Технологијата е залудна ако процесите се хаотични.
„За нас 2025-та значеше стабилизација и подготовка за наредната година, особено со фокусот што го ставивме на нашите деловни процеси. Деловните процеси ги редефиниравме и реорганизиравме со цел да ги подготвиме за воведувањето на вештачката интелигенција, затоа што дигиталната трансформација и дигитализацијата на услугите во голема мера веќе ги направивме,“ нагласи таа.

Секторот мора да се усогласи со ЕУ
Бошевска отвори и една клучна, често непријатна тема за домашната економија – пазарот на нефункционални пласмани (NPL). Нејзиниот став е дециден: пазарот созрева, но регулаторниот вакуум мора да исчезне.
„Најголемите проблеми настануваат кога услугата ја прави секој на свој начин. Тогаш имаме нееднаков, нефер третман кон крајните корисници – граѓаните, кои ќе чувствуваат разлика“, предупреди таа.
Нејзиниот повик за стандардизација и усогласување со европските директиви не е само бирократско барање, туку повик за етички капитализам. Во нејзината визија, регулативата носи предвидливост, а предвидливоста носи сериозни инвеститори.
„Нашиот фокус е токму тоа – граѓаните да добијат фер третман, затоа што сепак зборуваме за ситуација во која што, верувам, не се нашле по своја волја. Мислам дека начинот и пристапот треба да бидат навистина стандардизирани и структурирани, уште повеќе што европските регулативи се базираат на најновите директиви за заштита на потрошувачите“, додаде таа.
Вештачката интелигенција и човечкиот фактор: Новиот корпоративен баланс
Како дел од глобалната EOS Групација, македонскиот тим има пристап до стратешки партнерства со гиганти како OpenAI. Но, начинот на кој Бошевска ја имплементира оваа моќ е она што ја издвојува.
Во ера каде сите брзаат да ги заменат луѓето со чет-ботови, EOS Matrix повлекува линија.
„Во рамки на Европската Унија постои посебен Акт за вештачка интелигенција (AI Act) и ние целосно се усогласуваме со него. Тој акт беше строго поставен, па сега го ревидираме за практична примена. Согласно тој акт, конечна одлука не може да носи вештачката интелигенција, ниту во име на компанијата, ниту за корисниците. Тој момент го оставаме на човечкиот фактор. Но веруваме дека кога има потреба и желба да се разговара со човек, нашите агенти се секогаш тука. Ова го гледаме како шанса да ја одржиме нашата работна сила – да продолжиме да ги развиваме комуникациските вештини, а потребата за нови вработувања да ја добиеме при воведување на оваа напредна технологија,“ објасни таа.
Ова е суштината на нивниот хибриден модел: АИ за ефикасност, луѓе за емпатија. Преку алатки како „Мој ЕОС“, компанијата им овозможува на новите генерации дигитална дискреција, но секогаш со опција за човечки контакт кога ситуацијата го бара тоа.
2026: Година на геополитичка стабилизација
Гледајќи кон иднината, Бошевска предвидува дека 2026 ќе биде година на стабилизација и нови перспективи. За неа, равенката за успех на македонската економија е едноставна: усогласување со ЕУ стандардите.
„За нашата локална економија, очекувам понатамошно стабилизирање и поголем акцент на редефинирање на регулативата и деловното опкружување. Многу е важно да добиеме една сигурна европска рамка во која сите ние ќе делуваме, и во која оние што сакаат да инвестираат во нашата држава ќе бидат во рамки на исти услови кои би ги имале на другите европски пазари“, заклучи таа.
ПР објава за ubavinaizdravje.mk
