На панелот „Одговорност за иднината: Вложување во луѓето и локалните заедници“ во рамки на минатонеделната конференција The Economist MeetUp: Светот во 2025 се дискутираше за значењето на инвестирањето во човечкиот капитал и развојот на локалните заедници како клучни фактори за одржлив раст на компаниите.
Во светло на стратегиите за корпоративна општествена одговорност и нивното влијание врз подобрување на животниот стандард и економскиот просперитет на заедниците, Кристина Крстева, директорката за одржлив развој на рудниците Бучим и Боров дол истакна:
„Компаниите преку вложувањето во заедниците придонесуваат за развој на општеството и ја покажуваат својата општествена одговорност. Тие обезбедуваат раст и таму каде што можностите се ограничени. Со основањето на една компанија, се отвораат нови работни места, што е првиот видлив позитивен ефект. Но, она што често останува незабележано е влијанието врз развојот. Купувањето од локалното население ги поттикнува малите и микро компании да се развиваат. Технолошкиот напредок создава нова побарувачка, што им овозможува на локалните бизниси да станат независни и самостојни. Инвестициите го поддржуваат овој круг на одржлив развој, каде што секој сегмент од економијата придонесува за напредокот на другите“, нагласувајќи дека Бучим-Боров Дол е одличен пример за примена на ЕСГ принципите, особено во вложувањето во едукацијата на своите вработени.
„Преку успешно комбинирање на традиционалното и современото, компанијата покажува како одговорното работење и одржливоста можат да станат дел од корпоративната култура“, додаде Крстевска, надоврзувајќи се на улогата на образованието, обуките и поддршката на локалните иницијативи во создавањето на инклузивно и просперитетно општество.
На панелот „Одговорност за иднината: Вложување во луѓето и локалните заедници“ учествуваа и д-р Катерина Бошевска, извршен директор на Еос Матрих и Жана Базби, психолог – бизнис консултант од Лондон, споделувајќи ги своите видувања за тоа како компаниите можат стратешки да инвестираат во луѓето за да поттикнат долгорочен развој и иновации, за улогата на приватниот и јавниот сектор во зајакнување на локалните заедници преку одржливи проекти и иницијативи, но и за недостатокот на социјалниот аспект на ЕСГ принципите кај нас. Модератор на овој панел беше Катерина Јордановска Манева, менаџер за маркетинг и односи со јавноста, Кроација Осигурување.