Рударската индустрија ја поврзува локалната економија со глобалните пазари

Рударството останува еден од тивките, но суштински столбови на македонската економија, со значаен удел во извозот, индустриското производство и вработеноста, особено во регионите надвор од големите урбани центри. Во услови на глобална енергетска транзиција и растечка побарувачка за стратешки метали, македонското рударство сè повеќе се позиционира како дел од пошироките европски и светски синџири на вредност.

Бакарот, како еден од клучните метали за електромобилноста, обновливите извори на енергија и новите технологии, добива дополнителна тежина и за домашната економија. Во тој контекст, компаниите што инвестираат во модернизација, човечки капитал и одржливи практики имаат важна улога во зачувување на конкурентноста на секторот.

„Македонскиот рударски сектор е дел од глобалниот синџир и со стабилни производствени операции, со висок степен на усогласеност на стандардите и со одговорно управување, можеме да останеме конкурентни“, рече Ивица Карапетров, заменик управител на рудникот Бучим, на неодамна одржаната конференција The Economist MeetUp – The World Ahead 2026.

Според него, долгорочната одржливост на индустријата не се темели само на природните ресурси, туку и на луѓето, технологијата и односот кон заедницата. „Одржливото рударење не е документ, тоа е идеологија на водење бизнис, рационално и профитабилно користење на ресурсите со минимален импакт врз околината и со свесност за наследството што го оставаме на идните генерации“, нагласи Карапетров.

Со континуирани инвестиции, јакнење на локалните економии и усогласување со ESG принципите, рударството има потенцијал и понатаму да биде стабилен извор на економски раст и индустриски развој за Македонија, особено во време кога суровините стануваат сè поважен геоекономски фактор.

ПР објава-webmind.mk