Саша Поповиќ, генерален директор на VegaIT: Дигитална трансформација, економска стабилност и лидерство , патоказ за успешен бизнис

Во време на дигитална револуција и економски турбуленции, успехот не доаѓа случајно. Тој бара визија, стратегија и дисциплина. По повод претстојната конференција The Economist MeetUp: Светот во 2026, која ќе се одржи во декември оваа година, разговаравме со Саша Поповиќ, генерален директор на Vega IT за тоа како регионот може да ја искористи дигиталната ера, како Vega IT останува стабилна во услови на криза и што е клучот за градење бизнис што расте и опстојува на долг рок.

1. Како ја гледате иднината на дигиталната трансформација во регионот, од вашата позиција како претседател на Управниот одбор на Иницијативата „Дигитална Србија“?

Верувам дека е неопходно дигиталната трансформација да се случи што поскоро и во што поголем обем, за компаниите од овој регион на долг рок да останат релевантни, конкурентни и успешни.

Дополнително, сметам дека не треба да се задоволиме само со тоа да ги дигитализираме постоечките бизниси, ниту пак да дозволиме дигиталната трансформација да остане само во рамките на веќе воспоставените компании. Треба да размислуваме пошироко – како целиот регион може да го искористи максимумот од дигиталната револуција.

Тоа значи дека треба да работиме на создавање сериозни, глобално ориентирани компании. Бизниси кои нема да се разликуваат во ништо од најуспешните технолошки компании од САД, Велика Британија или Источна Азија.

2. Како гледате на моменталната економска состојба и како Vega IT се подготвува за потенцијални економски предизвици?

Често добивам прашања во контекст на тоа дека економската криза „дури допрва доаѓа“. Но реалноста е дека веќе две години сме сведоци на нестабилност предизвикана од различни геополитички фактори, што влијае на намалување на обемот на работа во ИТ-индустријата. Имавме период на голем раст и просперитет за време и веднаш по пандемијата, но потоа следеше фаза на масовни отпуштања, значително намалување на инвестициите од VC фондови, и тоа не само во стартапи, туку и во компании во понапредна фаза на развој. Во тој сегмент, забележан е пад на инвестициите од 30 до 40% на годишно ниво – што е огромен удар за индустријата.

Затоа, на ова прашање можам да одговорам од перспектива на тоа како изгледаа последните две години и што ни помогна да ја задржиме стабилноста во услови на криза.

Како компанија влеговме релативно подготвени во кризниот период, токму поради тоа што имаме изградена култура во која секогаш постои свест дека кризата може да дојде утре. Тоа е еден од најважните принципи на кои се темели нашето работење – постојана подготвеност за кризни ситуации.

3. Кои се принципите на подготвеност за криза што ги следите?

За ова често зборува и Jim Collins во своите книги. Тој вели дека не треба да се прашуваме дали ќе дојде криза – затоа што тие неизбежно се повторуваат низ историјата. Исто така, не треба да трошиме премногу време обидувајќи се да предвидиме кога ќе дојде – бидејќи тоа е речиси невозможно. Единствено што можеме да направиме е да бидеме секогаш што е можно поспремни.

Подготвеноста може да значи: диверзифицирано портфолио на клиенти и индустрии – за да можеме во една индустрија да ги надоместиме загубите со работа во друга; финансиски резерви што овозможуваат стабилност во неповолни периоди; и можеби најважно – организациска способност за промена, адаптација и интерна трансформација.

Овие принципи ни помогнаа последниве две години, и на нив работиме секојдневно – затоа што знаеме дека тие ќе нè одржат во криза, а во подобри времиња ќе ни помогнат да напредуваме уште побрзо.

4. Каков совет би им дале на идните претприемачи за успех во бизнисот?

Пред сè, верувам дека неопходно е постојано да се занимаваме со сите аспекти од бизнисот – само така ги зголемуваме шансите навистина да изградиме успешна компанија. Минатата година ја објавив книгата „Животот на еден претприемач“, која е еден вид водич низ претприемничкото патување, со конкретни насоки и примери за градење успешен бизнис.

5. Што е најважно за еден бизнис да биде успешен?

Еден од советите што ги давам во книгата е дека не е доволно да имате само добар производ или услуга. Многумина се потпираат само на тоа. Но, за еден производ или услуга да бидат успешни, мора да размислуваме како ќе излеземе на пазарот, како ќе се претставиме и како ќе го продадеме она што го нудиме.

6. Каква улога игра дисциплината во претприемништвото?

Дисциплината е можне важна работа – и тогаш кога ни оди добро, и тогаш кога ни оди тешко – постојано да инвестираме во себе и во бизнисот. Треба да продолжиме со тој пристап и кога мотивацијата ќе стивне, бидејќи решението не е секогаш во мотивацијата. Дисциплината е таа што нè држи на вистинскиот пат без разлика на надворешните околности и внатрешните емоции.

7. Колку е важен тимот за успехот на една компанија?

Во книгата пишувам и многу за луѓето со кои работам. Затоа што верувам дека токму тимот околу нас е еден од клучните фактори за успех. Во еден момент ќе сфатите дека не можете сè сами – и токму тогаш е важно да изберете квалитетни луѓе и да ги охрабрите да бидат што е можно поавтономни. Така се создаваат лидери што ќе создаваат нови лидери, овозможувајќи му на бизнисот да расте и да биде одржлив.

8. Кои лични искуства најмногу Ве обликувале на патот до успехот?

Во книгата зборувам и за грешките што сум ги направил, за ризичните инвестиции што на крајот се исплатиле. Сите тие се вистински искуства кои лично сум ги поминал и кои беа клучни за успехот на Vega IT. Ги поканувам вашите читатели да ја прочитаат „Животот на еден претприемач“ – верувам дека ќе најдат совети и примери што ќе им значат на нивниот пат кон создавање успешен бизнис.