На конференцијата The Economist MeetUp Светот во 2025 која се одржа минатата недела беа дискутирани револуционерните промени кои го обликуваат модерното финансиско опкружување. На панелот „Иновации во финансискиот сектор: Од нови технологии до инвестициски трендови“ говореше и Филомена Пљаковска Аспровска, главната извршна директорка и претседателка на Управниот одбор на КаСис, која осврнувајќи се на годината која изминува изјави:
„Се радувам што по години посветена работа, нашата компанија денес е синоним за иновација. 2024 година е најуспешната досега, со многу нови и интересни проекти кои ја задржуваат вниманието на јавноста. Еден од нашите значајни чекори е започнувањето на сертификација за „American Express“, со што стануваме еден од ретките процесори што поддржуваат четири картични системи“.
Во ера на брза дигитална трансформација, иновациите во е-трговијата играат клучна улога во олеснување на процесите за бизнисите и корисниците,а компаниите се стремат кон постојано подобрувањена корисничкото искуство и проширување на можностите за дигитални плаќања.
„Системот за е-трговија на КаСис е во постојан раст, со воведување на нови функционалности. Плаќањето со линк е иновација што им овозможува на бизнисите без сопствени веб-страници да вршат електронски плаќања. Дополнително, развиваме апликација за плаќање преку мобилен телефон, која ќе го олесни прифаќањето на плаќања за корисниците“, истакна Филомена Пљаковска Аспровска.
За предизвиците и можностите што ги носат иновациите за финансиските институции и пазарите, како и новите технологии што го редефинираат пристапот кон управувањето со средства и финансирање, акцентот според Пљаковска Аспровска е на одржливоста и довербата во новите модели.
„Во 2025 година, нашиот главен фокус ќе биде на безбедноста. Со оглед на зголемените малициозни напади, потребно е да одржуваме исто темпо во унапредувањето на безбедносните мерки, бидејќи безбедноста е и ќе остане наш највисок приоритет.“
На панелот Иновации во финансискиот сектор: Од нови технологии до инвестициски трендови powered by New Biz Podcast покрај Филомена Пљаковска Аспровска, говореа и Тони Јанковски, директор за развој и иновации во Diners Македонија и Иван Ивановски, претприемач и инвестициски консултант, а модератор беше Наташа Велковска, директор за ПР и контент продукција во Represent Communications Macedonia.