Иван Ивановски: Очекувам поволна клима за берзите во наредниот период

На претстојната конференција The Economist MeetUp– The World Ahead 2026, економистот и инвеститор Иван Ивановски од Prime Capital ќе даде увид како монетарната политика на САД влијае на глобалните финансиски пазари и развојните перспективи на мали економии како Македонија.

Неделава со одлука на Федералните резерви на САД (ФЕД), централната банка го намали референтниот опсег на каматните стапки за 25 базични поени, паралелно со тоа, ФЕД објави дека ќе почне купување на краткорочни treasury bills во обем од приближно 40 милијарди долари месечно, со почеток од 12 декември, со цел да ја јакне ликвидноста во пазарите на краток рок и да обезбеди доволни резерви за функционирање на системот.

Глобалните пазари веќе реагираа на овие сигнали, при што инвеститорите го прераспределија ризикот во очекување на поволни услови за пазарите на средства и капитал.

„Oдлуката на Федералните резерви за намалување на каматните стапки за 0.25 процентни поени (на 3.50%-3.75%) и најавата за започнување со купување на treasury bills во вредност од околу 40 милијарди долари месечно, е јасен сигнал за поддршка на економијата и одржување на ликвидноста на пазарот.

Ова веднаш се рефлектираше позитивно на берзите: Dow Jones скокна за речиси 500 поени, S&P 500 и Nasdaq забележаа солиден раст, додека приносите на обврзниците благо паднаа. Намалувањето на стапките го олеснува задолжувањето за компаниите и потрошувачите, а купувањето на T-bills ја зголемува ликвидноста, што ги охрабрува инвеститорите и го поттикнува ризикот.

Очекувам ова да создаде поволна клима за берзите во наредниот период, особено ако инфлацијата продолжи да се стабилизира.“

На 18 декември во Холидеј Ин во рамки на The Economist – The World Ahead 2026, Иван Ивановски ќе даде јасна и фокусирана слика за тоа како AI, геополитиката и новите пазарни правила го обликуваат инвестирањето, а зошто токму финансиската едукација и информираниот граѓанин се најсилниот адут за економска стабилност и долгорочен развој, и на глобално, и на локално ниво.